Министерството за образование и наука по втор пат се стекна со Сертификат за управување со квалитет, односно за креирање, управување и унапредување на образовниот систем во дејностите на основното, средното и високото образование, како и за планирање, организирање, мотивирање и координирање на науката и техничко-технолошкиот развој во Република Македонија.
Станува збор за ресертификација на системот за управување со квалитет, која се спроведе согласно барањата на Стандардот МКС EN ISO 9001:2009 ( македонска верзија). Сертификатот го додели АМ ЦЕРТ Групација Аутомакедонија – Скопје.
Со ресертификацијата уште еднаш се потврди дека Министерството за образование и наука има воспоставено документиран систем за управување со квалитет и во целост ги имплементира барањата на меѓународниот стандард за квалитет ISO 9001:2008.