Министрите на ЕУ ќе го разгледуваат предлогот за реформи и проширувањето

Министрите за европски прашања на ЕУ денеска пристигнуваат во јужниот шпански град Мурсија каде на дводневен неформален состанок треба да расправаат за тоа како Унијата ќе треба да се промени за да се направи простор за новите членки – земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина. Нивните средби почнуваат денеска со вечера. Утре наутро тие ќе бидат поделени во три групи за да работат на три различни теми: „Институционални предизвици“, „постепена интеграција“ и „влијание (на проширувањето) врз политиките на ЕУ“, објави денеска „Политико“.

Основа за нивната дискусија е документот на 12 експерти што заеднички го предложија Франција и Германија во кој се наведуваат идеите за опсежни структурни реформи на Европската унија, во кој главна препорака е новата проширена ЕУ да биде Европа со четири концентрични кругови. Документот предлага радикални реформи за да се насочи структурата на ЕУ, вклучително и намалување на бројот на еврокомесари и членови на Европскиот парламент и укинување на националните вета. Особено кога треба да се затвораат поглавјата при преговорите на земјите кандидати. Тоа да не биде едногласно, туку со квалификувано мнозинство. Според предлогот, најмотивираните би можеле да здружат повеќе овластувања, додека другите земји би можеле да останат во ЕУ без да се движат кон сè поблиска унија.

Овој состанок на европските министри е подготвителен за европскиот самит на почетокот на октомври во Гранада и прочената Алхамбра. Првиот ден на тој дводневен самит ќе има собир Европската политичка заедница, а утредента ќе се состанат лидерите на ЕУ. Од Берлин има навестувања дека канцеларот Олаф Шолц сака да го искористи собирот во Гранада за јасно да воспостави врска помеѓу проширувањето и реформите на ЕУ, за таа да не заврши со клуб што не може да се раководи со 35 земји со право вето.