Минск тврди дека во Украина се подготвуваат милитанти за заземање регионален центар во Белорусија

Странските разузнавачки агенции обучиле до 300 милитанти во соседната Украина за операција во којашто треба да заземат еден регионален центар во Белорусија во близина на границата и потоа да предизвикаат безредија во земјата, изјави во вторникот вечерта челникот на белорускиот Комитет за државна безбедност (КГБ), Иван Тертел

„Сто до триста милитанти се обучени од странски специјални служби на територијата на Украина, со цел вооружено да заземат регионален центар на територијата на Белорусија како отскочна точка за натамошно развивање офанзивни операции“, изјави генерал-полковникот Тертел за првиот канал на белоруската телевизија.

Како и што претходно во вторникот посочи белорускиот претседател Александр Лукашенко на состанокот со челниците на безбедносните служби и агенции, Тертел рече дека станува збор за белоруски десничарски екстремисти кои се борат на страната на Украина, како и белоруски радикални опозиционери кои биле обучувани и во Полска и Литванија, земји членки на НАТО со кои граничи Белорусија.

Западот, како што истакна Тертел, исто така ја испитува можноста за употреба тактичко нуклеарно оружје. За таа цел се подготвува одредена воена инфраструктура во соседните земји на долгорочни планови, додаде челникот на белоруското разузнавање.

„Се подигнуваат влоговите, бидејќи според нашите сознанија Западот смета дека никако не смее да загуби (во Украина). Поради тоа се разгледува, меѓу другото, употреба на тактичко нуклеарно оружје или на групациите кои се формирани за директна агресија врз нашата земја и против нашите сојузници“, резимира шефот на белоруското разузнавање.

Додаде дека, покрај тоа, постојат и други сценарија според коишто се планираат и подготовки за повремени терористички напади на територијата на Белорусија.

„Се разгледува извршување терористички акти на железницата, по линиите на нашите и сојузничките (руски) воени формации. На одредени социјални мрежи веќе има повици во таа смисла. Знаеме дека странските разузнавачки служби се обидуваат да се дистанцираат од тоа, но всушност помагајќи им на организаторите на териториите на Полска, Литванија, Украина“, рече Тертел.

Истакна дека Белорусија има веродостојни информации дека американската Централна разузнавачка агенција (CIA) и други западни моќни структури стојат зад разузнавачките служби на сателитските земји во регионот, кои ги насочуваат и финансираат.

Ден претходно претседателот Лукашенко изјави дека во неделата, преку неофицијални канали, Минск добил предупредување за подготвување напад од територијата на Украина. Според него, одредени структури на Белорусија ѝ „ветиле Кримски мост 2“, алудирајќи на терористичкиот напад врз мостот кој го спојува црноморскиот полуостров со руското копно.

Лукашенко потенцираше и дека одредени земји членки на НАТО ги шират дезинформациите за наводно вклучување на војската на Белорусија во борбените дејствија на руската војска во Украина и отворено зборуваат за „превентивен напад“ врз неговата земја, „вклучително и нуклеарен удар“. Претходно во западните медиуми голем публицитет беше даден на информација дека Лукашенко дал наредба белоруските единици да се соединат со руските на границата кон Украина.

Поради ситуацијата којашто брзо се менува, Лукашенко нареди војската да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на Земјата, а на безбедносните служби им наложи да ги спроведува мерките за борба против тероризмот.