Преглед ЛШ: Челзи славеше во Милано, Реал и Сити со реми осигурија минување на групата

Ac Milan and Chelsea at Giuseppe Meazza stadium in Milan, 11 October 2022. ANSA / MATTEO BAZZI

Во средбата од четвртото коло на Групата Е до фудбалската Лига на шампионите, лондонски Челзи на гостувањето со 2:0 го совлада Милан, преземајќи го водството во групата.

Се чини клучниот момент на дуелот во Милано се одигра во 18 минута, кога Фикајо Томори во својот шеснаесетник го собори Мејсон Маунт кој имаше отворен пат кон домашниот гол. Томори доби црвен картон, а гостите пенал кој го реализираше Жоргињо. Со играч повеќе Челзи во 34 минута дојде и до вториот погодок, кога Матео Ковачиќ го пронајде Пјер-емерик Обамејанг кој втрча по десната страна во шеснаесетникот и го совлада Чипријан Татарушану. Во вториот дел Челзи рутински го одбрани водството со што ја впиша втората победа во групата.

Во вториот дуел од оваа група домашниот загрепски Динамо и РБ Салцбург одиграа 1:1. Австрискиот претставник поведе веќе во 12 минута а стрелец беше Сејвалд од брз противнапад. Хрватскиот првак до крајот на полувремето значително ја подобри играта, напаѓаше а до израмнувањето дојде во 40 минута преку Љубичиќ, чиј шут го погоди гостинскиот играч Павловиќ и притоа ја промени насоката.

На табелата води Челзи со седум бодови, РБ Салцбург има шест, а Динамо и Милан по четири бодови.

 

Во Групата Ф, украински Шахтар беше на секунди до големо изненадување против актуелниот европски шампион Реал Мадрид, но „Кралскиот клуб“ во дуелот игран во Варшава во судиското продолжение извлече реми 1:1 и така го обезбеди пласманот во осминафиналето.

Првата голема шанса на мечот ја имаше во 18 минута гостинот, но голманот Анатолиј Трубин одлично реагираше на шутот на Карим Бензема. Во 27 минута возврати Шахтар, Александар Зубков шутираше силно но гостинската обрана го блокираше неговиот удар. Во завршницата на првиот дел шанси имаа Бензема, Родруго и Федерико Валверде, но немаше промена на резултатот.

На самиот почеток од вториот дел Шахтор поведе, овојпат Зубков беше прецизен во ударот со глава. Украинскиот тим во 65 минута можеше да го удвои водството, но Ласина Траоре ја погоди стативата. Реал во финишот на дуелот имаше неколку шанси, но не успеа да ја пробие противничката одрана. И кога се чинеше дека мечот ќе заврши со изненадувачка победа на Шахтор, Антонио Рудигер во петтата минута од судиското продолжение највисоко скокна на одличен центаршут и со глава погоди под самата пречка.

Во вториот дуел од групата, РБ Лајпциг со 2:0 како гостин го совлада Селтик. Стрелци за гостите од Германија беа Тимо Вернер во 75 и Емил Форсберг во 84 минута. Шкотскиот претставник најдобрата шанса ја имаше во 28 минута кога Метју О’Рили од работ на шеснаесетникот ја погоди десната статива.

Реал Мадрид води во групата со 10 бодови, РБ Лајпциг се проби на второто место со шест бодови, Шахтор има пет а Селтик остана на еден бод.

 

Во Групата Г, Борусија Дортмунд и Севилја одиграа без победник 1:1, додека во првиот меч од групата Копенхаген и Манчестер Сити, исто така, ремизираа со 0:0, па „Граѓаните“ обезбедија осминафинале.

Севилја, под водство на новиот тренер Хорхе Сампаоли, поведе во 18 минута со голот со глава на Тангуи Нианзу по асистенција на Иван Ракитиќ од слободен удар. Борусија израмни во 35 минута, а стрелец беше Џуд Белингам.

Претходно во Копенхаген „Граѓаните“ откако на минатата седмица над истиот противник славеа со 5:0, но во реваншот на стадионот „Паркен“ се одигра без голови. Ова е првото реми на Сити во групната фаза по трите последователни победи со гол-разлика 11:1, додека за Копенхаген е четвртото домашно реми со 0:0 во групната фаза – Манчестер Сити, Севилја, Порто и Лестер Сити.

Англискиот првак во Данска настапи без првиот свој стрелец Ерлинг Халанд, кого Пеп Гвардиола реши да го одмори. Норвешкиот напаѓач дои поштеда првпат сезонава, а наместо него играше Хулиан Алварез. овој напаѓач од Аргентина веќе во 7 минута имаше одлична можност, но шутираше покрај десната статива. Четири минути подоцна Родри со фантастичен удар од 20-ина метри погоди во самиот горен агол, но португалскиот судија Артур Соареш Диаз по асистенција на ВАР-от го поништи погодокот затоа што Ријад Марез во текот на акцијата играл со рака. А тоа беше само почеток на неволјите на Алжирецот на мечот кој долго ќе го памети. Во 25 минута со рака играше и домашниот играч Николаи Боилесен, а судијата со по асистенцијата на ВАР-от покажа на белата точка. Марез го изведе пеналот, но Камил Грабара го одбрани неговиот удар. Пет минути подоцна Сити остана со играч помалку. Серхио Гомез го собори Хакон Амар Харалдсон, повторно се огласи ВАР-от, по што Дијас го исклучи Гомез. Гвардиола веднаш реагираше вадејќи го од игра индиспонираниот Марез.

Сити имаше одлична шанса и на отворањето на вториот дел, но голманот Гарбара го одбрани ударот на Кевин Де Брујне. Иако со играч помалку, Сити го контролираше темпото на игра со помош со брзи куси додавања, меѓутоа немаше многу возбудувања.

Манчестер Сити е на врвот на табелата во групата со десет бодови, Борусија има седум, додека Севилја и Копенхаген се на два бода.

 

Во дербито од Групата Х, Пари Сен Жермен и Бенфика ремизираа во Париз со 1:1, идентично како и минатата седмица во Лисабон.

Францускиот првак поведе во 40 минута преку најстрогата казна која ја реализираше Килиан Мбапе, која ја направи Антонио Силва кој го собори Бернат. За Мбапе ова беше 31-от гол за ПСЖ во Лигата на шампионите со што стана најдобриот стрелец на клубот во ова натпреварување. Гол помалку има постигнато најдобриот стрелец во клупската историја на „Светците“, Уругваецот Единсон Кавани.

Гостите израмнија во 62 минута, исто така, од пенал кој го реализираше Жоао Марио. Прекршокот го направи Марко Верати, кој во својот шеснаесетник го собори Рафа Силва.

Во првиот дуел од оваа група, Макаби Хаифа приредија големо изненадување победувајќи го Јувентус со 2:0 во средбата од четвртото коло од Групата Х во Лигата на шампионите, остварувајќи ја првата победа во ова натпреварување во последните 20 години.

За израелскиот првак ова е само третото учество во Лигата на шампионите по сезоните 2002/2003 и 2009/2010, а последната победа на Макаби во елитното континентално натпреварување ја оствари пред 20 години кога го совлада Манчестер Јунајтед со 3:0. Таа сезона екипата од Хаифа беше трета во групната фаза и продолжи во тогашниот Куп УЕФА.

Јувентус со овој пораз само ја продлабочи резултатската криза туркајќи го Масимилиано Алегри чекор поблиску до отказ, откако италијанскиот великан во последните девет мечеви во сите натпреварувања оствари само две победи.

Домашните поведоа веќе во 7 минута со голот на Омер Атцили, а истиот играч во 42 минута одлично погоди и за 2:0. Во меѓувреме Макаби можеше да дојде до погодок и до 12 минута, но шутот на Тјарон Чери заврши во стативата. Јувентус во првиот дел беше немоќен, единствена вистинска шанса гостите ја имаа во завршницата во првиот дел, но Душан Влаховиќ не беше прецизен. Во продолжението „Старата дама“ се обидуваше да стори нешто, но не успеа да постигне барем почесен погодок.

На табелата водат ПСЖ и Бенфика со по осум бодови, додека Јувентус и Макаби имаат по три бода и веројатно ќе се борат за пласман во Лига Европа.