Апсолутно има од власта притисок врз СОНК и веќе има доста реакции, дури и премиерот на социјалните мрежи ги повика да не протестирале или да не штрајкуваат, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител, потенцирајќи дека синдикатите имаат право со устав да штрајкуваат и имаат поддршка за тоа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денот кога ја покачија минималната плата од власта знаеја дека ќе се случуваат овие проблеми. На многу категории работници во многу фели не ги кренаа платите и тоа е онаа спирала. Тоа мораше да се случи. Власта знаеше и беше предупредена. Едно е што ќе штрајкуваат наставниците, второ е што и државната администрација па дури и судии. Настанува тотален хаос, затоа што власта со брзоплети мерки сакаа да покажат дека се квалитетна влада“, рече Мисајловски.
Посочи дека има допилнителна причина поради којашто работниците мора да добијат поголеми плати е што пораснаа цените и трошоците за граѓаните.
„Некој што порано земал 14.000 денари плата со новата минимална зема 18.000, но оној што земал 20.000 зема повторно толку. Се крена минимална плата, но другата плата остана иста, а сите знаеме дека се поскапе, поскапе струјата, бензинот. Од власта велат да седнеле на дијалог, но имаа време за тоа и сепак сакаа само да го тргнат проблемот со нивната флоскула дека немало пари“, изјави Мисајловски.
Запраша за што ги троши власта парите, кога капитални инвестиции нема, економијата не се раздвижува?
„Со сите мерки само купуваат денови, не прават ништо стратешки за следните години. Сами признаа дека знаеле за воен конфликт а не презеле ниедна мерка, знаеле дека се ќе поскапе, а ние како опозиција им предлагавме мерки. Во владата гледаат само како да се збогатат, а не да се справат со кризните состојби. Граѓаните имаат потреба да им се зголемат примањата“, нагласи Мисајловски