Митева: Неодговорноста, неспособноста и криминалот на СДСМ и ДУИ ја турнаа Македонија во економски колапс

Последната најава за ново задолжување од речиси една милијарда евра само го потврдува тоа. Патем ова задолжување кое го најавува власта не е за развој, не е за изградба, не е за нови капитални инвестиции, туку за покривање на дупки и обезбедување на ликвидност, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

„Според информациите во јавноста власта ќе побара од ММФ 900 милиони евра за сервисирање на основните обврски, поради катастрофалната состојба со Буџетот. Досегашната состојба со долгот и така беше катастрофална, а сега уште повеќе ќе се влошува. Ако долгот до сега беше над 60 отсто од БДП, сега со новите задолжувања ќе се зголеми на над 63 проценти. Годинава ја почнавме со надминување на психолошката граница од над 7 милијарди долг, а веројатно до крајот на годинава ќе се доближиме до нова психолошка граница од над 8 милијарди евра долг. Оваа власт на СДСМ и ДУИ за 5 години власт ја задолжи Македонија речиси колку сите влади заедно. Кога дојдоа на власт долгот изнесуваше 4,7 милијарди евра, а сега галопирачки достигнува над 8 милијарди евра. Само во последните три години генерираа нов долг кој е еквивалентен на 1.250 евра по граѓанин“, нагласи.

Митева истакна дека во исто време ја заковаа Македонија на дното од земјите во регионот по странски директни инвестиции, реализација на капитални инвестиции и раст на БДП нема. Со други зборови се што собраа од даноци и се што се задолжија отиде на покривање на елементарни државни функции и на многу криминални тендери, физибилити студии, непродуктивни трошоци за службени возила, позлатени прибори, фстаци, режани цвеќиња, жардињери, мебел и слични луксузи.

„Ова мора да престане. Ваквата состојба мора да се смени. Тоа е можно само со нови предвремени избори кога главните виновници за економскиот колапс, СДСМ и ДУИ ќе бидат поразени“, порача Митева.