Интегрална изјава на Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ:
Бујар Османи да не молчи по повредата на Уставот и амандманот V и веднаш да поднесе оставка, а потоа да следи одговорност за истото. Поразите кои Македонија ги трпи однадвор, веќе доста долго време се и порази кои пред се доаѓаат одвнатре, од именуваните лица во владата на СДС и ДУИ, и тоа мора да биде санкционирано.
Македонскиот јазик е единствен официјален јазик за меѓународна употреба, а Османи со користење на друг јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Македонија во меѓународните односи ја суспендира јасната одредба од Уставот.
Имено, во амандманот V на членот 7 во ставот 1 јасно пишува дека на територија на државата и во меѓународните односи службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Бујар Османи треба да го прочита и Законот за употреба на македонскиот јазик, конкретно членот 2 став 2 според кој употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на сите граѓани на републиката.
Уставот на Република Македонија е највисок правен акт, а тоа претставува обврска на секој граѓанин да го почитува целосно и доследно. Именуваните лица имаат особена обврска при нивното функционирање да се водат исклучиво врз правата и должностите кои произлегуваат од Уставот и Законите. Со овој потег, Османи го наруши угледот на Македонија и покажа непочитување кон сите граѓани на Македонија, за ова мора да има одговорност.