Митева: Сведоци сме на безброј нерегуларности, но граѓаните покажаа храброст зад параваните

Одговорот на црната кампања на власта беше големата излезност. Народот се одлучи за промени, а власта на Зоран Заев го покажа своето недемократско лице. Од една страна власт во паника, а на другата страна храбриот народ, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на вечерашната прес-конференција по завршувањето на гласањето.

– Сведоци сме на безброј нерегуларности. Во вчерашниот ден, среде избирачкиот молк, партиски функционери на СДСМ вршеа пропаганда и поткупуваа гласачи. Имаме информации за вршење поткуп во Кочани, Радовиш, Ново Село, Македонска Каменица, Ѓорче Петров и во други делови на Македонија. Новинарска екипа синоќа беше нападната, а денеска новинари беа спречени да информираат од избирачко место. Како политичка партија сме згрозени од недемократското однесување на власта, но ќе ги искористиме сите правни дејства и ќе ги информираме меѓународните институции. Но, граѓаните денеска го дадоа својот одговор, а Зоран Заев ќе ги слушне приоритетите на граѓаните од гласачките места – рече Митева.

Таа рече дека во овој момент е рано да се објават какви било резултати од локалните избори, но како што вели, резултатите со сигурност ќе бидат поволни за ВМРО-ДПМНЕ.

– Веруваме во победа. Очекуваме победа во Скопје и во многу други општини – истакна Митева.