Митевски: Горд сум што од општина со 5 инвеститори денес имаме над 150, најголемата индустриска зона е во Петровец

„Анкетите што ги направи партијата ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека убедливо се заинтересирани, односно граѓаните сакаат и наредните четири години јас да раководам со општина Петровец, јас да градам и да продолжам, ние ниеден момент не застанавме. Ние во КОВИД кризата, сите жители на општина Петровец знаат дека се работеше и во зимскиот период, пролетниот , летен“, истакна Борче Митевски, актуелен и кандидат за градоначалник на општина Петровец во гостување за радио Лидер.

Митевски додаде дека тој е горд што успеа со својот тим да го изгради најубавото и најмодерното основно училиште „Кочо Рацин“ во Петровец. Изградбата на ова училиште чинеше 87 милиони денари. Условите за учење се идеални.

„Ги реновиравме сите училишта на територија на општина Петровец, почнувајќи во Сушица завршувајќи до Катланово. Направивме спортски сали во Катланово, во Средно Коњари, во Петровец. Најголемиот проблем што го мачеше народот во Петровец почнувајќи од Петровец тоа беше канализацијата. Петровец во моментов односно денеска започнуваме да ја правиме последната улица бр. 22 со канализација, и веќе нема да има јами, веќе нема подземните води да бидат на ниво со земјата. Значи најгорливиот проблем е решен“, појасни Митевски.

Митевски посочи дека жителите на општина Петровец ги имаат сите услови кои треба да ги имаат граѓаните во 21 век за нормално живеење.

-Општина Петровец од пет инвеститори денес има над 150 инвеститори. Најголемата индустриска зона во Република Македонија е во општина Петровец, додава тој.