Митревски: Публиката денес направи разлика, пласманот на СП е најважен

Николче Митревски уште еднаш имаше блескава партија, собра 14 интервенции и беше еден од хероите на Македонија во победата над Чешка (27-25) во баражот за пласман на Мундијалот. По победата, голманот на Порто ги сподели своите први импресии.

„Игравме одлично и во Скопје и во Злин. Таму паднавме во последните десет минути, имавме пет разлика, човек повеќе и две одбиени топки кои не ги зедовме и се случи тоа што се случи. Разликата на реваншот беше оваа публика. Кога „паѓавме“ секогаш имавме поддршка од нив и кога ни беше најтешко и во одбрана и во напад, тие беа тука. Колку што сме ние заслужни за оваа победа, секој присутен во салата кој навиваше за Македонија, има своја заслуга за пласманот. Штета што не победивме двапати, денес можевме и поубедливо, но најбитно е што сме на Светско првенство и мирно може да се спремаме за следниот циклус во ноември“, започна голманот.

На прашањето за помладите во репрезентацијата, Митревски имаше заштитнички став.

„Ние сме шампиони да дигнеме некого или цела екипа и да ги уништиме. Немаме трпение, не чекаме да израснеме, веднаш се бараат големи натпревари, многу голови и слично. Повозрасните се тука за поддршка за помладите кои денес одиграа феноменално“, изјави Митревски.

Македонија ја надигра чешка, во двата натпревари беше доминанта и подобра селекција на теренот, па сосема заслужено ќе заигра на осмо Светско првенство во јануари.