Пред носењето на првиот закон со кој се утврди минималната плата некои од вработените во државата земаа катастрофално ниски плати во износ помеѓу 4.500-5.500 денари. Се работеше за една не така помала бројка вработени околу 45-50.000, вели во интервју за „Економски.мк“, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски.
Со покачувањето на минималецот пак, според Митревски, во 2016 година минималната плата ќе биде повисока за 25,22 отсто од сегашно утврдената, а зголемувањето во дејностите каде што има одложено исплаќење, односно грејс период, до 2018, 46,96 отсто. Самиот факт што со овие мерки ќе бидат опфатени од 60-65.000 работници доволно зборува за значењето на оваа мерка. Митревски зборува и за задолжителната исплата на К 15 во приватниот сектор. Тој не очекува дека ова работничко право нема да се почитува заради тоа што законот предвидува казни за непочитување на колективниот договор.
На прашањето што ќе значи зголемувањето на минималната плата на работниците, Миревски смета дека за Сојузот на синдикатите на Македонија политиката на плати т.е. уредувањето на платите со закон и колективен договор, нивната висина, редовност на плата, се од примарно значење, имајќи предвид дека тоа е соодветен начин кој овозможува правилно и соодветно вреднување на трудот и механизам на заштита во борбата против сиромаштијата и одржувањето и унапредувањето на стандардот и квалитето на живот на вработените, односно граѓаните на Македонија.
„Од друга страна, имајќи предвид дека политиките за плати може да имаат важна улога во остварувањето на одржлив економски развој, преку зголемување на домашната побарувачка, како и тоа дека целите за социјална правда мора да имаат суштинско место во креирањето на макроекономската политика, ни дава за право ова прашање постојано да биде отворено на дневен ред на нашата агенда за работа и точка за која постојано се разговара со нашите социјални партнери. Во услови кога државата се соочуваше со еконмска криза, огромна невработеност и сиромаштија, висока стапка на сива економија, ниски плати, првичното утврдување на минималната плата за ССМ претставуваше алатка за заштита на најзагрозената категорија вработени во државата кои земаа катастрофално ниски плати во износ помеѓу 4.500-5.500 денари. Се работеше за една не така помала бројка вработени околу 45-50.000. Се стави долна граница на платите“, смета тој.