Две компании од автомобилската индустрија ги известиле македонските власти дека донеле интерна одлука за инвестирање во Македонија. За ова во интервју за Лидер информира директорот на ТИРЗ Виктор Мизо.
– Во моментов работиме со нив за да се завршат неопходните активности и чекори кои се потребни пред компаниите официјално да ги објават своите планови и одлуки до крајот на летото и да започнат со реализација на своите проекти. Едната компанија ќе биде стационирана во Скопје, а планира да вработи 300 лица почнувајки од јануари 2016-та. Втората компанија најверојатно ќе гради во југоисточниот дел на Македонија, а ќе вработи околу 1500 невработени лица. Производството ќе започне во постоечки објект оваа есен, и паралелно есенва ќе ја започне градбата на нова фабрика, која целосно треба да заврши на почетокот на 2017-та година, вели Мизо.
Во однос на тоа зошто компаниите ја одбрале токму Македонија како место за нивната инвестиција, Мизо вели дека земјава била во директна конкуренција со неколку земји од поширокиот регион.
– Со овие компании контактиравме подолг временски период, а по извршената анализa добивме информација дека Македонија е дестинација која е избрана за проширување на нивното производство за европскиот пазар. Ние денес сме меѓу 5 – 6 земји од Централна и Источна Европа кои компаниите редовно ги анализираат при носење на одлука за проширување на своите производствени капацитети или консолидација на производството во Европа. За да се придобие ваквата репутација во сферата на странските директни инвестиции во изминатиов период беа спроведени низа реформи со цел подобрување на бизнис климата, реализирани се капитални проекти – изградени инфраструктурни спремни локации за инвестирање- ТИРЗ-ови, потоа изградба на патишта кои ги подобруваат инфраструктурните услови за реализирање на странските инвестиции. Но, она што е најзначајно за странските инвеститори за носењето на одлука за инвестирање, од една страна е достапноста на институциите кои имаат одлучувачки фактори за реализација на инвестициите, а од друга страна е постоењето на директниот дијалог со инвеститорите кои веќе инвестирале во Македонија преку кој се согледуваат нивните бизнис потреби и проблеми, истакнува Мизо.
Целото интервју со директорот на ТИРЗ може да го прочитате на следниот ЛИНК.