Мизрахи: Никој нема мандат да ја допира нашата историја, јазикот и нашиот народ

Никој од нас не одбира кога и во какво смејство ќе се роди. Никој не одбира каде ќе се роди, која ќе му биде етничката, верската припадност или јазикот кој прв ќе го проговори. Но она што секој од нас може да го одбере е начинот како да го воспитува своето дете, да го учи на тоа што е свето, што се вредности, што е образ, чест, достоинство и углед, што има, а што е тоа што нема цена, рече вечерва на протестот во Кавадарци Рашела Мизрахи, члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ .

– Како и вие денеска и јас сакам да живеам во Македонија во која системот на вредности е многу различен од денешниот на Заев. Сакам да живеам во онаа Македонија во која го спознав животот, пријателите, училиштето и учењето, ја осознавав честа, угледот и достоинството, го научив единството и соживотот, во која учев македонската историја Јордан Пиперката, Даме, Питу, Каев, Гоце, Илинден и илинденците, во онаа Македонија која се гордеше на тврдокорните, онаа земја која се гордееше со партизаните, со сите кои за неа го дадоа и животот. Во земја за која од славното Кавадарци, Неготино и за жал денес разурнатото село Праведник излегоа бројни комити, но и партизани. Земја која толку многу ви должи за црнината во која беа вашите баби и мајки, за сите деца и младинци кои во војните ги закопавте. Па јас сум со корен кавадаречки, дел од фамилијата ми живее тука – рече Мизрахи.

Мизрахи потсети на нејзината баба и дедо.

– Мојата баба видете Ризова Трајанка, Злата малата Мавче која по раст е мала, но голема по дела и храброст е баш оттука од Праведник. Мафче и бригадата Добри Даскалов добро му го наплатија секој грев на окупаторот. Мојот прадедо Димо Бошков е оттука, Илинденец, осакатен од Турците за Македонија живееше до 113 години и го закопавме Македонец- рече Мизрахи.