Носителите на „МКарта” се исклучителни луѓе од различни сектори кои можат да бидат ставени во функција на нашиот развој.Тие нема да имаат привилегии на дипломати. Единствено симболична порака е дека ќе им го олесниме доаѓањето во државата за да дојдат и да се вклучат во нашиот развој, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи говорејќи за списокот од 69 истакнати поединци од дијаспората.
Тој не ги соопшти нивните имиња но рече дека тие не се тајна.
Меѓу нашинците кои ќе ја добијат привилегијата на брза лента да можат да допатуваат во земјава и бесплатно да можат да посетуваат музеи има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, политичари и инженери.
На листата се оперскиот пејач Благој Нацоски, кошаркарскиот тренер Заре Марковски, успешните доктори д-р Иво Бошковски од клиниката во Рим, д-р Димитар Ефремов научник од областа на хематологијата и ендрокринологот Горан Петровски од Катар како и бизнисменот Ристо Гуштеров и поранешниот министри за странски инвестиции во една од Владите на Никола Груевски, Глигор Ташкович.
„МКартата“ може да ја добијат истакнати личности или поединци од дијаспората кои дале посебен придонес за подобрување на односите на Македонија со државата во која престојуваат, на меѓународниот углед на државата или се признати професионалци во струката. Картата има рок на траење од четири години.
Иницијативата за давање „МКарта“ на заслужми од дијаспората предизвика бура од реакции меѓу дијаспората и во земјава. За сите е нејасно кои се заслугите на луѓето чии имиња министерот за надворешни работи Бујар Османи упорно ги криеше.