Меѓународниот комитет на Црвениот крст смета дека конфликтот во Украина претставува ситуација на граѓанска војна и ги повика „сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право“.
Тој се повикува на четирите Женевски конвенции од 1949 година, двата Дополнителни протокола од 1997 година и Дополнителниот протокол од 2005 година. Со прогласување „граѓанска војна“ се дозволува да бидат судени авторите на тешките прекршувања на меѓународното хуманитарно право како воени злосторници и тоа во меѓународни казнени судови.
МКЦК веќе ја има изразено својата позиција во меѓусебните контакти со земјите во конфликтот, но досега не ја објавил јавно.
„Борбите во источниот дел на Украина и понатаму носат жртви меѓу цивилното население и ние бараме сите страни итно да го почитуваат меѓународното право, познато и како право на вооружени конфликти“, изјави Доминик Штилхарт, директор на мисиите на МКЦК.
Штилхарт допатувал во Украина за да ја разгледа со инволвираните страни целосната ситуација, како и напорите за пренесување на посмртните останки на жртвите во несреќата на малезискиот авион во нивните земји.