Млад маж приведен при обид за нелегален транспорт на мигранти

Ноќта кон петокот полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран, кон јужната гранична линија со соседна Грција, го лишиле од слобода  26-годишниот П.К. од селото Јосифово, валандовско, во чиешто возило се откриени илегални мигранти од Блискиот исток и Азија.

Околу 02.40 часот на магистралниот пат, делница Марвинци – Удово, кај место викано Калковска река, полициските службеници забележале како од неговото возило „бмв“ излегле мигранти, по што се дал во бегство. Набргу, тој бил пронајден и лишен од слобода, а биле пронајдени и 12 лица мигранти, деветмина од Сирија и тројца од Пакистан, кои биле спроведени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија.

П.К. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.