Кривична пријава е подесена за 22-годишно момче од Скопје поради сомнение дека продавал дрога, откако пратка со марихуана на почетокот од април е откриена во
автобус кој сообраќал на редовната линија Скопје – Дортмунд, информираше во неделата Министерството за внатрешни работи.
Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднело кривична пријава против 22-годишниот И.Ј., поради основи на сомнение дека извршил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
Имено, по претходно пронајдените пакувања со наркотична дрога (марихуана) во автобус на редовна линија Скопје – Дортмунд, за што јавноста беше веќе информирана, СВР Скопје преземало мерки и активности за откривање и докажување на сторителот којшто имал намера да ја транспортира марихуаната надвор од земјата.
На 7-ми април, околу 11,30 часот во автобус со скопски регистерски таблички кој сообраќал на редовната линија Скопје – Дортмунд, била пронајдена марихуана за која никој од патниците не се јавил како сопственик.
Од страна на полициски службеници, а во координација со дежурен Јавен обвинител веднаш се преземени оперативни мерки за документирање и расчистување на кривичното дело, односно за откривање и идентификување на сторителот. Притоа, според доказите и добиените оперативни сознанија, како сторител на кривичното дело е идентификуван споменатиот скопјанец.