Млади од Битола и од Крива Паланка, поттик за соживот и мултиетничка толеранција низ видео пораки на проектот „ЗАЕДНО“

Во период од девет месеци, млади луѓе на возраст од 15 до 25 години, од Битола и Крива Паланка, во континуитет учествуваа во процесот на градење доверба, заедништво и кооперативност помеѓу младите од различни националности во насока на запознавање, соработка и промоција на културните вредности, како и високите човечки вредности кои  подразбираат добро однесување и меѓусебно почитување. На работилниците зедоа учество над 50 учесници од различни националности: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци.

На овој начин, низ три он лајн часови, две работилници во Битола и една работилница во Крива Паланка, младите учеа како се создаваат вести, ги согледуваа разликите помеѓу лажните вести и вистинските информации, осознавајќи како да користат точни и проверени извори на информирање, а на тој начин да се спречат предрасудите кои можат да доведат до конфликти. Запознавајќи ги културолошките разлики и етнолошките карактеристики, младите имаа можност подлабоко да ги осознаат културните вредности на средината во која живеат, да ги почитуваат и промовираат значајните обележја, а почитувајќи се себе си, подеднакво да ги почитуваат и другите соработници независно од нивната национална припадност. Ова подразбира елиминирање на сите форми на недолично однесување кон средината, вандализми и насилство, а на нивно место истакнување на доброто однесување,творештвото, инвентивноста и иновативноста.

Ентузијазмот и креативноста која ја покажаа младите луѓе создаде вистинска работна и дружељубива атмосфера, која ги мотивираше на активност, посакувајќи дводневните работилници да траат двојно повеќе. Како свој инпут дел од младите изработија фотографии кои ги отсликуваат разликите во еден град, поврзани во заедничка фотографија за убавината и мултикултурализмот.

Деветмесечната активност на младите од Битола и Крива Паланка е сублимирана во кратко видео кое е достапно на македонски, албански и англиски јазик на следниот канал https://www.youtube.com/@NVOProficio.

Проектот „Заедно“ се реализира од страна на Здружението за истражување на пазарот на труд во функција на мултиетничка толеранција ПРОФИЦИО Скопје, во соработка со Здружение за регионална соработка „22 Нентори“ од Битола и Кластер за туризам од Крива Паланка, а го овозможува регионалниот проект „Подршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, којшто го финансира Европската унија Delegation of the European Union, Skopje и го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации(УНДП) UNDP MK .