-0.2 C
Skopje
недела, ноември 24, 2024

Младиот Марко на Голема Богородица ќе се обиде да ја оствари својата цел, 10-то препливување на Охридското Езеро

На Голема Богородица, младиот пливач Марко Пејчиновски ќе го започне своето 10-то препливување на Охридското езеро.

Целта на Марко за ова лето беше да исполни 10 препливувања на езерото со вкупно 250 километри. Следниот викенд тој ќе се најде пред својот последен предизвик за ова лето.

-По 186 километри и 9 препливувања го најавувам моето последно пливање Охрид-Струга-Св.Наум-Охрид. 64 километри. Пред три години поради болки во ногата го прекинав пливањето на оваа релација и остана мој неостварен предизвик. Тука сум да си докажам колку сум подобрен, да си докажам дека можам да го оставарам мојот сон и да ја исполнам мојата желба и празнината која остана, вели Марко.

Младото момче имаше порака за мотивација за сите.

-Ова сакам да ве инспирира и вас, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот не значи дека е невозможно, без разлика на препреките кои ви стојат на патот до успехот не смеете никогаш да се откажувате. Имајте своја цел, најдете мотив и остварете ја, порачува Марко.

Му посакуваме на Марко многу среќа, мирно езеро и сила за исполнување на својата цел.