Младината на германските конзервативци во петокот побара промени во својата политичка унија и подготвува наследник на канцеларката Ангела Меркел, предупредувајќи дека повеќе нема време откако е склучен контроверзниот коалициски договор со социјалдемократите.
Конзервативците во новата договорена влада на ткн Голема коалиција имаат шест министерства, исто како и социјалдемократите кои на последните парламентарни избори кон крајот на ланскиот септември остварија значително послаби резултати.
Партиската база во Христијанско-демократската унија (CDU), на Ангела Меркел, но и во сестринската баварска партија Христијанско –социјална унија (CSU), е незадоволна од постигнатиот договор со Социјалдемократската партија на Германија (SPD), па дури започнаа и зборувања за тоа кој треба да ја замени канцеларката на чело на партијата. Некои политички коментатори сугерираат дека Меркел би можела достоинствено да се повлече од должноста по две години, на половина од нејзиниот четврти последователен мандат на чело на германската влада.
Паул Зиемиак, челникот на младината на CDU и CSU, вели дека партијата би требало да разгледа кој ќе ја наследи Меркел. Доколку CDU не го стори тоа за да им се даде можност на новите лица и да се зголеми различноста „расположението ќе стане многу, многу лошо“, рече за Deutschlandfunk.
„Сакаме младите луѓе, младите политичари да бидат дел од владата и партиското водство. Немаме уште многу време“, вели Зиемиак.
Младината на конзервативците има околу 115.000 членови и е една од најголемите европски политички организации на младите, и поради тоа има значително влијание во партијата.
Зиемиак вели притоа дека Меркел треба да појасни до конгресот на CDU закажа за 26-ти февруари како во иднина ќе изгледа поделбата на позициите во владата и во партијата. „Во базата на CDU владее големо незадоволство“, вели, објаснувајќи дека многу членови сметаат дека CDU не ги водела добро коалициските преговори.
Фридрих Мерц, долгогодишен соработник на Меркел, вели за таблоидот Bild дека CDU самиот себе ќе се поткопа, доколку се согласи на „понижувањето“ коешто се случило при поделбата на министерствата.
Норберт Ретген, надворешнополитички експерт на партијата, изјави за истиот весник дека начинот на поделбата на министерствата значи дека CDU ќе биде структурно послаб и дека ќе има послабо влијание во владата во иднината.
А допрва 464.000 членови на SPD треба да ја потврдат новата голема коалиција, којашто многу од нив ја обвинуваат за историски најслабите резултати на изборите, а исходот од гласањето преку пошта треба да биде познато на 4-ти март.
Доколку новата влада не ја добие нивната согласност, можна е малцинска влада, којшто би се одржала барем неколку месеци, изјави челникот на младината на SPD, Кевин Кухнерт, исто така влијателен во својата партија, а кој силно лобира ширум земјата против новата голема коалиција.