Излезноста на избирачите во средините каде што доминира албанското население во неделата на вториот круг од претседателските избори е забележително слаба, покажуваат податоците од Државната изборна комисија.
Според податоците објавени на интерактивната веб страница на ДУК, по обработените над 99 отсто од избирачките материјали вкупниот одѕив на гласачите во земјата изнесува 6,16 отсто. Податоците, исто така, покажуваат дека во поголемите градски средини каде што доминира македонскиот дел од електоратот излезноста е нешто поголема или идентична со првиот изборен круг пред две седмици.
Меѓутоа, во средините каде што во мнозинство се гласачите на албанските партии, забележлив е послаб одѕив на избирачите.
Така, по првиот пресек за излезноста во Гостиварскиот регион на гласање излегле 2,03 отсто од запишаните избирачи. Во Врапчиште одѕивот е 1,16 отсто. Во Маврово Ростуше на гласање излегле 2,63 проценти, односно 260 граѓани, додека во општина Врапчиште 293 гласачи или 1,7 отсто.
Во Тетово, пак, излегле 2,35 отсто од гласачите, во соседните општини Желино пак е 1,20 проценти и Боговиње 1,31 отсто. Во Дебар, каде што во првиот круг беше избран и новиот градоначалник, излегле само 1,29 проценти од избирачите. Слаб е одѕивот и во Струга, каде се регистрирани 2,63 проценти излезени гласачи. Во мешаната општина Кичево, пак, правото на глас го искористиле само 2,68 отсто од запишаните гласачи.
Во општина Липково, пак, излезноста е 2,93 отсто. Во општините кои гравитираат кон Скопје, најголема илезност кај Албанците е во ткн градска општина Чаир со 3,11 отсто, во Арачиново каде што градоначалник е кадар на владејачката СДСМ само 2,09 проценти од гласачите се појавила на избирачките места, а во Сарај е уште понизок – 1,93 отсто, а слично е и во скопско Студеничани каде што гласале 1,98 проценти од гласачите.
Може да се претпостави дека незаинтересираноста на албанските гласачи, покрај незадоволството од партијата која тврди дека ги претставува во Владата на Зоран Заев, потекнува и од тоа што претседателскиот кандидат кој беше поддржан од албанските опозициски партии Блерим Река во првиот круг освои околу 80 илјади гласови, или околу 11 проценти, не се квалификуваше за вториот круг.