Запрепастени сме од незнаењето на ВМРО-ДПМНЕ за одговорностите на претседателството на државата со ОБСЕ, пишува во реакцијата што Министерството за надворешни работи (МНР) ја испрати до јавноста откако официјалната фејсбук страница на ОБСЕ Македонија беше хакирана, а опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека ќе потроши пет милиони евра за претседавањето со оваа организација, а не е способна да ги заштити официјалните податоци што ги објавува.
„По однос на дел од пишувањата на медиуми и официјланите ставови на ВМРО-ДПМНЕ со кое го обвинува Министерството за надворешни работи за хакирање на фејсбук страницата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека MНР како претседавач со ОБСЕ нема никакви надлежности во управување на страниците на мисиите на ОБСЕ низ светот, па така ни во Северна Македонија. Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партијата нема основни познавања за тоа кои се одговорностите и ингеренциите на претседателството или намерно шири невистини со цел да наштети на оваа важна меѓународна улога на државата“, велат од МНР.
Оттаму не прецизираат кога ќе биде вратено нормалното функционирање на страницата.
Од МНР нема ни одговор на прашањата на МКД.мк кој е надлежен за безбедноста на податоците и каква е постапката во случај на хакирање на официјална стрница како оваа.
Од МНР за МКД.мк кусо одговорија дека никој од надлежните институции не го пријавил хакерскиот напад.
Вчера вечер македонската страница на меѓународната организација ОБСЕ на фејсбук беше цел на хакерски напад. Од ОБСЕ го потврдија случајот на официјланиот твитер профил на организацијата.
„ОБСЕ знае дека фејсбук профилот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е хакиран. Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ”, напишаа од ОБСЕ.
Веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи ја Владата дека потрошила пет милиони евра за претседавањето со ОБСЕ, „а добивме виетнамски хотлајн” мислејќи на тоа дека наместо информации од работата на Мисијата на ОБСЕ, на фејсбук страницата можеше да се најдат информации за хот-лајн телефонска врска од Виетнам.