МНР со осуда на прекршувањето на правото на гласање во Австралија

Откако од утрово на фејсбук страницата „Предавници Traitors“ се појавија инфрормации дека се снимаат, фотографираат и навредуваат граѓаните кои во дијаспората излегоа да гласаат на референдумот, конкретно во австралиски Мелбурн каде што гласањето заврши со незначителен одѕив на зашишаните изирачи, се огласија и македонските власти.

Министерството за надворешни работи, како институција директно поврзана со процесот на гласање на дијаспората во македонските ДКПа, „најостро го осудува објавувањето на снимки на социјални медиуми како и навредите кон македонски граѓани во Австралија, кои решиле да излезат и да гласаат на референдумот“.

„Ова претставува директно прекршување на основното демократско право на гласање, но и влијание врз референдумскиот процес, како и прекршување на правото на приватност за време на гласање. Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо“, се навеува во соопштението на македонската дипломатија.

Се додава и дека локалните власти во Австралија се веќе известени за немилиот настан и оти станува збор за „сериозни прекршоци се недопустливи и во најскор можен рок ќе се преземат сите законски мерки за санкционирање на чинителите“.

Повторуваме, никој нема право да навредува и никој нема право да спречува и со тоа директно да влијае врз гласачкиот процес, граѓани кои одбрале да го исполнат своето демократско право и да гласаат на референдумот.

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, вели дека снимањето е пријавено кај властите во Австралија, снимачите се идентификувани и ќе ги сносат законските последици.

„Чинот на снимање на гласачите пред конзулатот во Мелбурн од страна на неколку индивидуалци е спротивно на сите закони и вредности на демократијата. Им честитам на тие граѓани кои водејќи се од националните и стратешките интереси на државата денес се одважија и го искористија своето загарантирано право на глас. Нивниот глас ќе се вреже во темелите на европска Македонија, како и гласот на сите други кои денес ќе гласаат. Истовремено, инстутуциите на Република Македонија, се во контакт со Австралиските власти. Случајот е пријавен, снимачите се идентификувани и ќе ги сносат сите законски последници согласно Австралиското законодавство. Ги охрабрувам сите кои денес ќе гласаат во дипломатско-конзуларните претставнишвта без никаков страв да го искористат своето граѓанско право на глас“, се огласи Адеми.