Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Бугарија до Министерството за надворешни работи на Бугарија, упати протестна нота во врска со видеото на пратеникот во Европскиот парламент од Република Бугарија и заменик-претседател на политичката партија ВМРО-Бугарско Национално Движење, Ангел Џамбаски.
– Истовремено, ќе известиме и соодветно ќе реагираме и до институциите во Европската унија. Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени – се вели во соопштението од МНР.