
Кампања насловена „Моја земја, мој дом” започна денес во Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одржа прес конференција на која ги изнесе деталите за оваа акција која има за цел да ги стимулира граѓаните кои ги легализирале своите објекти да го откупат и земјиштето, како и дворното место.
Тој упати повик до сите граѓани кои го завршиле процесот на легализација да ја започнат процедурата за докомплетирање на имотот, наведувајќи дека за тоа ќе имаат целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода.
-Оформени се тимови кои ќе работат на оваа проблематика, а секако, првиот чекор е да се посети општинската веб страница. Таму е наведена целосната потребна документација, критериумите и контакт на кој може да се добијат дополнителни информации. Исто така, потребните информации за отпочнување на процесот можат да се добијат и на шалтер, во архивата на Општина Кисела Вода, која од неодамна работи и во втора смена, до 20 часот. “Моја земја, мој дом” е акција која ја почнуваме денес, а ќе трае се додека не му излеземе во пресрет и на последниот граѓанин кој има желба да си го откупи земјиштето и да биде свој на своето- подвлече градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека забрзано се работи и на финализирање на процесот на легализација на дивоградбите и дека само во првиот месец од неговото доаѓање на функцијата градоначалник се изготвени околу 300 решенија за легализација.
