По одлуката за зголемување на царините за производите од Србија и Босна и Херцеговина за сто отсто, Европската унија во средата ја повика Приштина итно да ги повлече новите намети.
„Денешната одлука на владата во Косово да ги зголеми царините врз производите од Србија и Босна и Херцеговина за 100 отсто е јасно нарушување на Централноевропскиот договор за слободна тргговија (ЦЕФТА) и на духот на Договорот за стабилизација и асоцијација“, пишува во реакцијата на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Според Могерини, ова дополнително ја влошува ситуацијата по првичното воведување на десет отсто зголемување на царини минатата година, повикувајќи ја Владата во Косово „веднаш да ги повлече овие одлуки“.
Србија и Босна и Херцеговина не учествуваат на состаноците на ЦЕФТА во Приштина на 20-ти и 21-ви ноември, ниту на министерскиот состанок во рамките на седмицата на оваа регионална организација, што претставува одговор на Белград и Сараево на едностраната мерка на косовските власти да ги зголеми царинските давачки за стоките со потекло од двете земји.
Косовската влада на 6-ти ноември за 10 отсто ги згоолеми царините на стоките од Србија и БиХ, на што остро реагираше Белград со одликата за прекин на дијалогот со Приштина под покровителство на Европската унија и побара од косовските власти итно објаснување на „неочекуваната одлука“.
„Европската унија очекува дека Косово, коешто во моментов претседава со ЦЕФТА, во целост ќе се придржува на обврските кои произлегуваат од договорот ЦЕФТА и дека ќе ја отпповика оваа мерка“, изјави минатата седмица Маја Коцијанчич, портпаролката на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини.