Момчето што го изврши масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград денеска сведочи во судскиот процес против неговиот татко.
Како што пренесуваат српските медиуми, почна распитот на момчето-убиец, како сведок во постапката против неговиот татко, кој се товари за тешко кривично дело против општата безбедност.
Таткото се сомничи дека оружјето со кое момчето-убиец го изврши масакрот во основното училиште е нерегистрирано. Исто така, постои сомневање дека го обучувал синот да ракува со оружје и дека го носел на стрелиште.
Судот во Белград претходно донесе решение за забрана на таткото да располага со недвижниот и движниот имот, чиј сопственик е тој. Одлуката за определување привремени мерки е донесена на предлог на семејствата на убиените деца.
Седмоодделенецот Коста К. на 6 мај влезе во училиштето и уби деветмина свои соученици и чуварот. Од тогаш се наоѓа во психијатриска болница на испитување.