Се уште не се знае дали од септември учениците ќе се вратат во школските клупи или наставата ќе продолжи онлајн.
Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска во интервју на Телевизија 24 вели дека тоа ќе зависи од текот на пандемијата, а крајниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести.
„Владата треба да ги рзгледа документите кои ги подготви Бирото за развој на образование и работната група, да дадеме мислења, насоки и дополнувања. Се надевам дека навремено, до првата половина од август, сите тие протоколи, планови и стратегии ќе бидат презентирани пред јавноста и училиштата ќе имаат доволно време да се подготват за почетокот на новата учебна година. Сакам да дадам смирувачка информација за целата македонска јавност дека ние како Влада точно знаеме како и што треба да се преземе, изготвуваме протоколи, план и можни стратегии во зависност од тоа како ќе се развива пандемијата“, рече Наумовска.
Таа вели дека лично смета дека секаде каде што е можно и каде што постојат услови од безбедносен аспект, од 1 септември да се реализира настава со физичко присуство.
„ Има рурални средини каде што нема многу заболени од Ковид-19, некаде нема ни еден, а ученикот живее преку улица од училиштето. Зошто тогаш да следи настава преку компјутер, кога може со соодветни протоколи за заштита на здравјето физички да присуствува во паралелка во која има пет до десет деца и доволно простор за да бидат добро распоредени Мое лично видување е дека овие деца треба во мали групи да посетуваат настава со физичко присуство. Но Комисијата за заразни болести е таа што треба да го каже последниот збор и јас не би избрзувала“, додаде Наумовска.
Таа додаде и дека доколку наставата биде повторно онлајн, се предлага наставниците да работат од училиште каде што ќе имаат обезбедено техничка опрема и интернет-пристап, затоа што во последните три месеци од 2019/2020 различни наставници различно биле вклучени и ангажирани во наставата од далечина зашто дома немале соодветна опрема.
Наумовска вели дека во процес е подготовката на нацоналната платформа за учење од далечина во која точно треба да биде дефинирано како ќе изгледа наставен час, колку ќе трае временски, кога во текот на денот ќе се одвива е-наставата итн.