Министерството за образование и наука соопшти дека од почетокот на учебната година до денес бројот на ученици кои следат настава од далечина е зголемен за 17%, односно околу 87% од учениците успешно ја следат онлајн наставата.
– Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал – се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.
Оттаму додаваат дека се во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно работат на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата.
Од МОН апелираат до наставниците и учениците коишто се со физичко присуство, доследно да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста.