Моравјецки: Мигрантската криза е најлошиот обид за дестабилизација на Европа по Студената војна

Полскиот премеир Матеуш Моравјецки оцени во неделата дека мигрантската криза со трите илјади лица на границата меѓу Полска и Белорусија е „најлошиот обид за дестабилизација на Европа“ од завршувањето на идеолошката блоковска Студена војна во 1980-те години.

Белорускиот претседател Александр „Лукашенко покрена хибридна војна против ЕУ. Тоа е најлошиот обид за дестабилизација на Европа во последните 30 години. Полска нема да попушти пред уцените и ќе стори сѐ за да ги одбрани границите на ЕУ“, порача Матеуш Моравјецки на Twitter.

Полскиот премиер подоцна во неделата ќе се сретне со колегите од балтичките земји Литванија, Латвија и Естонија, со кои ќе разговара за мигрантската криза, а потоа следната седмица ќе ги посети другите европски престолнини.

Западот ја обвинува дека Белорусија ја оркестрирала кризата наводно намерно доведувајќи ги мигрантите од Блискиот исток и префрлувајќи ги на надворешната истчна граница на ЕУ, што во Минск го негираат.

Лукашенко во петокот за BBC изјави дека е „апсолутно можно“ некои белоруски војници да им погнале на мигрантите да минат во Полска, но негира дека тие биле повикани во Белорусија.

„Мислам дека тоа е апсолутно можно. Ние сме Славјани. Имаме срце. Нашите сили знаат дека мигрантите одат во Германија. Можеби некој им помогнал. Нема да се занимавам со тоа“, изјави Лукашенко во ексклузивното интервју за BBC во петокот правено во претседателската резиденција во Минск.

Меѓутоа, белорускиот претседател негира дека ги повикал неколкуте илјади мигранти за да предизвика криза на границата со ЕУ како одмазда за нејзините санкции кон неговата земја.

„Реков дека веќе нема да ги притварам мигрантите на границите, да ги задржувам на границите, а доколку и натаму доаѓаат, повторно нема да ги запирам, бидејќи не доаѓаат во мојата земја, одат во вашите. Тоа сакам да го кажам. Но не ги повикав тука. И, да бидеме искрени, не сакам да одат преку Белорусија“, вели Лукашенко потсетувајќи дека сите изминати години мигранти од Блискиот исток и Африка во помали групи минувале преку Белорусија во соседните земји членки на ЕУ.

Иако, особено по двата телефонски разговора од оваа седмица меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и белорускиот претседател Александр Лукашенко, постојат сигнали дека кризата помалку стивнува, полските погранични сили пријавија во неделата нови обиди за илегални преминувања на границата, меѓу кој и на една „многу агресивна група од стотина“ мигранти. Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави во саботата дека Белорусија ја променила тактиката наводно испраќајќи помали групи мигранти на повеќе места од границата.

Според полските медиуми, од почетокот на гризата ова лето животот го загубиле најмалку 11 мигранти, сите најдени на полскиот дел од границата.