Московска ЦСКА осми пат првак на Европа

Кошаркарите на московска ЦСКА ја освоија титулата европски шампион откако со 91:83 (29:20, 15:22, 24:20, 23:21) го победија турскиот претставник Анадолу Ефес во финалето од завршниот турнир на Евролигата кој се играше во шпанскиот град Виторија-Гастеиз.

За рускиот тим ова е осма тутула континентален шампион, а прва по 2016 година. Најдобри кај ЦСКА беа Кори Хигинс и вил Клибурн со по 20 коша, додека Шејн Ларкин го предводеше Ефес со 29 погодоци.

ЦСКА ја презема контролата на мечот со серијата 11:0 кон крајот на првата четвртина кога оствари предност од 29:17. Крунослав Симон со пет последователни коша ја започна серијата од 11:3 за Ефес со кој турскиот тим до полвувремето на намали негативата од само два поена 42:44.

Кон крајот на третата четвртина ЦСКА стаса до најголемата предност од 14 поени 68:54, но Ефес до крајот на оваа делница повторно успеа да се врати во игра со „тројката“ на Ларкин и да намали на 68:62. Ефес не се предаваше ниту кога ЦСКА со кошот на Хигинс поведе со 83;:71 на четири и пол минути до крајот, туку со „тројките“ на Симон и Мициќ и кошевите на Данстон и Ларкин намали на 81:85 на две минути до последната сирена. Но, откако Хигинс реализираше две слободи фрлања за 87:81, Ларкин промаши два обида за три поена во ист напад со што пропадна последната шанса Ефес целосно да се врати во игра.

Третото место го освои мадридски Реал, кој во полуфиналето беше поразен од новиот првак, откако со 94:75 (24:16, 14:24, 31:23, 25:12) го совлада истанбулски Фенербахче кој беше поразен во дуелот со денешниот финалист.