Земји членки на НАТО му помогнале на Киев да ги изведе неодамнешните напади врз аеродроми длабоко на руската територија, изјави во четвртокот за агенцијата РИА Константи Гаврилов, шеф на руската делегација на разговорите во Вина за воена безбедност и контрола над вооружувањето.
Притоа рускиот дипломат потсетува дека Москва постојано предупредува дека Западот, предводен од САД, сѐ повеќе директно се вовлекува во руско-украинската војна станувајќи непосреден учесник во него.
„И сега, уште еднаш, фактите покажуваат дека земјите членки на НАТО навистина се вмешани во терористичките провокации на Киев врз руските стратешки аеродроми Дијагилево и Енгелс“, вели Гаврилов на прашањето за постоење докази за вмешаноста на НАТО во нападите.
Русија претходно ја обвини Украина за изведување на напади со дронови на руска територија, вклучителнмо и нападот од понеделникот кога се погодени две воздухопловни бази на стотици километри од украинската граница. Но некои аналитичари предупредуваат дека таквите инциденти на Москва може да ѝ послужат како изговор за ексалација на воените дејствија на територијата на Украина.
Притоа руската армија предупреди дека пред нападите на аеродромите во Саратоската и Рјазанската област од 5-ти декември биле применети дронови од советско производство, како и дека двете локации биле снимени на 3-ти и 4-ти декември од комерцијалните сателити на американската компанија Maxkar којa од почетокот на војната на Киев му обезбедува сателитски снимки во реално време за движењата на руските единици.
Западните аналитичари и медиуми, пак, наведуваат дека во Саратов станува збор за базата „Енгелс“ каде се сместени стратешките бомбардери и аеродромот во Рјазан, „само неколку часови возење од Москва“, што е „демонстрација на очигледно новата способност на продирање на стотици километри длабоко во рускиот воздушен простор“. Киев директно не ја презема одговорноста за тие напади, но ги славеше.
Според Гаврилов, на Киев „всушност му беше дадена јавно изречена наредба да ја изврши оваа перфидна провокација“. Притоа потсетува на изјавата на латвискиот министер за надворешни работи од 30-ти ноември во Советот на НАТО кои рече дека „евентуалните украински напади врз воени цели длабоко на територијата на Русија ќе бидат оправдани“.
Гаврилов притоа предупредува дека руската армија „не ги остава неказнети ваквите терористички чинови“ и истакнува дека американски инженери и инструктори учествувале во техничките подготовките на нападите.
„Во текот на 2022 година во погоните на авијацискиот завод во Харков биле изведени работи за модернизација на споменатите беспилотни летала во кои учествувале стручњаци од конструкторското биро ‘Луч’ од Киев и од американската корпорација ‘Raytheon Technologies’. Долетот на таков дрон е до 1.000 километри“, вели Гаврилов.
одава дека на Москва ѝ е јасно во која насока било планирано да се користат дроновите по модернизацијата. Истовремено рускиот дипломат истакнува дека повеќето цели кои ги напаѓа украинската војска се „одредени од западните господари на киевскиот режим“.
„Споменатите беспилотни летала ‘Ту-1141 Стриж’ (од советско производство каков што пролетта година падна во Загреб лансиран од украинска територија) се насочувани кон целите со помош на американскиот глобален сателитски систем GPS. Покрај тоа, САД и нивните сојузници веќе одамна користат различни вселенски системи за разузнавачко-информатичка поддршка на украинската војска, вклучително за откривање на позициите, правците на движење и дејствијата на руските трупи“, појаснува Гаврилов.
Додава дека во моментов Вашингтон во Украина во реални борбени услови разработува нови методи за користење цивилни сателитски констелации како елемент на командата на војската на САД. Гаврилов нагласува дека истовремено во НАТО „воопшто не се загрижени дека нивните постапки би можело да ги загрозат цивилните вселенски активности и да ги поткопаат меѓународните правни основи во сферата“.
Како што соопшти во понеделникот руското Министерство за одбран, украинските сили се обиделе да изведат напади со дронови врз воените аеродроми во регионот Саратов и Рјазан користејќи беспилотни летала од советско производство. Притоа појаснија дека руските системи за противвоздушна одбрана ги соборила беспилотните летала, а при падот и експлозии на фрагменти од дроновите незначително оштетиле два авиона. Во нападите загинаа тројца руски војници а уште четворица беа ранети.
Киев преку изјава на неименуван „висок украински функционер“ во весникот The Washington Post ја признава одговорноста за обидите за нападот на руските аеродроми кај Саратов, Рјазан и Курск. Рекол и дека и покрај официјалниот мол од страна на украинските власти, „тоа се украински беспилотни летала“. Слично неофицијално признание за американските мејнстрим медиуми ден претходно даде уште еден неименуван функционер од Киев кој за The New York Times потврдил дека „беспилотните летала беа лансирани од територијата на Украина“.