Иако во Русија нема потврден случај на коронавирус, властите на престолнината Москва во четвртокот воведоа „режим на зголемена приправност“ и дополнителни мерки против појавата и ширењето на заразата со новиот сој коронавирус.
Русите кои се враќаат од Кина, Јужна Кореја, Иран, Франција, Германија, Италија и Шпанија, и покажуваат можни симптоми на коронавирусот, треба да останат во самоизолација 14 дена, се наведува на интернет стрницата на градоначалникот на Москва.
Овие лица нема да може да доаѓаат на работа или на факултет, се додава во списокот преземени превентивни мерки.
Во Москва, во која живеат повеќе од 12 милиони луѓе, зајакнати се и проверките на сите кои се враќаат од земјите погодени од епидемијата на коронавирусот, а итниот центар задолжен за следењето на ситуацијата со заразата е постојано достапен за граѓаните.
Русија досега не потврди ниеден случај на зараза со коронавирусот на својата територија, но шест нејзини државјани се заразиле во други држави.
Властите откажуваат меѓународни летови и му препорачуваат на населението да не патува во странство без неодложна потреба, во обидот да се спречи ширење на коронавирусот.
Руските власти во четвртокот го откажаа најважниот годишен Меѓународен еконмски форум во Санкт Петербург, кој требаше да се одржи на почетокот од јуни, на кој инаку присуствуваат илјадници деловни луѓе и политички лидери од целиот свет, а со кој претседава рускиот претседател Владимир Путин.
Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин на својот блог објави дека Москва тешко ќе може да го избегне коронавирусот, како и дека не е едноставно да се ограничат деловните активности.
„Тука работат милиони луѓе. Тоа би имало штетно влијание врз економијата и просперитетот на граѓаните (затворањето на компаниите и продавниците)“, образложува Собајнин.