Mостот „Бeласица“ ќе биде затворен додека не биде целосно безбеден, пожарот е подметнат од човек, вели градоначалничката

Пожарот на мостот „Беласица“, помеѓу Железничката станица во Скопје и трговскиот центар Ист гејт мол, најверојатно е предизвикан од човечки фактор – изјави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вечерва во гостување на ТВ21.

– Прелиминарната истрага покажа дека се работи за фактор човек. Имаме несовесни граѓани кои не размислуваат кои се штетите кои може да настанат, и тоа е нешто за што апелиравме и се надеваме дека МВР и ЦУК ќе ги преземат соодветните мерки за да бидат елиминираат последиците и да се најдат сторителите на ова дело. Градот ги чека анализите и извештаите од МВР и од ЦУК за да почне со постапување. Треба да се испита дали е безбеден мостот, да се провери неговата статика, па потоа да се даде одговор. Знаеме дека се создава хаос, меѓутоа не зависи од Град Скопје колку ќе траат овие поправки – рече Арсовска.

Таа нагласи дека нема деа се дозволи никаков ризик при повотрното пуштање на мостот во употреба.

– Сè додека не е стопроцентно безбеден и сигурен за премин од страна на граѓаните и на возилата, не смее да биде пуштен сообраќајот. Пред да бидеме сигурни дека издржливоста и статиката на мостот дозволуваат безбеден премин, тој нема да биде вратен во функција – рече Арсовска.

Во петокот Градот Скопје донесе одлука да се забрани сообраќајот за сите моторни возила и за движење на пешаци на мостот што ги поврзува Железничката станица и Ист гејт мол, се додека не се утврдат точните штети од пожарот и тој не биде саниран.