Од данокот на имот што би требало да се слее во касата на Градот Скопје, градските власти успеваат да соберат само 25 проценти, а за останатите 75 отсто од Агенцијата за катастар на недвижности не ги даваат податоците – рече градоначалничката Данела Арсовска вечерва во гостување на ТВ 21.
Таа изрази сомнежи дека причината што Градот не може да ги добие информациите за да ги внесе во системот е тоа што се кријат имоти на функционери и лица од јавниот и општествениот живот.
– Побаравме од Катастарот, повеќе различни одговори добивме, меѓутоа на крајот она што излегува како суштински предизвик е дека податоците не ги даваат. Искрено, кои се сомнежите? Се сомневам дека во денот и моментот кога ќе ги дадат ќе знаеме точно кој во градот колку имот поседува, имот кој во овој момент не е пренесен и немаме негова евиденција и многу луѓе ќе имаат проблем со своите анкетни листови. Јас го побарав тоа, го барам веќе 12 месеци, меѓутоа од другата страна има молк, постојано некакви оправдувања. Ќе слушнете оправдувања дека требало да се обработуваат лични податоци – нешто што веќе го правиме. Вториот момент е дека треба да платиме за услугата, па дури и попусти ни нудеа, меѓутоа и да платиме тие личните податоци не ги даваат за да не можеме да ги „мечираме“ имотите со лицата и да им испорачаме решенија. Ќе испливаат многу функционери, многу лица од јавниот и општествениот живот кои кријат имоти. Затоа не се даваат овие податоци – смета Арсовска.
Според закон, вели градоначалничката, Градот е должен да испорача решенија на граѓаните кои се сопственици на имот.
„Верувам дека многу скоро ќе отпочнат сите граѓани да се прашуваат зошто ова не се прави. Јас ви кажувам лично кои се сомнежите зошто ова не се прави. Ќе испливаат имотите на стотици и стотици функционери и лица кои се јавно достапни во општествениот живот, а ги нема во анкетниот лист и воопшто ги немаат пријавено. Во тој момент ќе мора веќе преносите кои сега се кријат и водат на некоја фирма, уделите да се внесат и имотот да си стане имот на она лице чии е тој објект“, повтори Арсовска.