Претседателот Џо Бајден и челникот на републиканците во Претставничкиот дом на Конгресот, Кевин Меккарти, изјавија во средата дека ќе ги продолжат разговорите за зголемување на горната граница за задолжувањето на САД коешто во моментов е поставена на 31.4 трилиони долари, за да се избегне банкрот на државата.
По повеќемесечниот застој, републиканците беа согласни во вторникот со претседателот од редовите на демократите директно да разговараат за договорот кој треба да го одобрат двата дома на американскиот Конгрес ред сојузната влада да остане без средства за исполнување на своите финансиски обврски веќе на 1-ви јуни.
„Ќе се состанеме бидејќи нема алтернатива. Да бидеме јасни, овие преговори се однесуваат на рамките на буџетот, а не на тоа дали ќе ги платиме своите долгови или не. Челниците (во Конгресот) се договорија – Нема да има банкрот. Секој лидер тоа го кажа“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа.
Републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом со 222 наспроти 213 демократски пратеници, со месеци инсистираат демократите да се согласат на намалување на потрошувачката во замена за договор за подигнување на ограничувањето на јавниот долг наметнат од Конгресот, што е чекор кој на САД редовно им е потребен, бидејќи владата троши повеќе отколку што може да собере со оданочувањата.
Меккарти во интервју за телевизиската мрежа CNBC News вети дека САД ќе го избегнат банкротот.
„Мислам дека на крајот нема да имаме банкрот. Временската рамка е многу тесна, но ќе се погрижиме да бидеме на масата и тоа да го направиме“, рече Меккарти.
Претседателот подоцна во средата патува во самитот на групата Г7 кои се одржува од петокот до недела во јапонска Хирошима, и изјави дека со челниците во Конгресот ќе разговара телефонски, додека со нив лично ќе се срети кога ќе се врати во САД.
Ден претходно Бајден и Меккарти разговараа околу час време во Белата куќа со челникот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, и челникот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, како и со водачот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис.
САД многу пати во историјата, особени кога на власт се демократите, ја подигнуваа границата за задолжување на земјата, за да може да ги исплаќа доспеаните долгови.
Плафонот за задолжувањето, кој првпат е усвоен од американскиот Конгрес во 1917 година, го спречува Министерството за финансии да издава нови државни обврзници за финансирање на активностите на сојузната влада, откако ќе е достигне одредено ниво на националниот долг или ќе помине одреден датум. Надминувањето на тој плафон значи дека сојузната администрација е под закана да врши многу операции од редовните буџетски плаќања, вклучително и покривањето на различни социјални трошоци. Покрај тоа, способноста на државата да ги плаќа доспеаните долгови и камати за веќе преземените обврски може сериозно да биде поткопана.