По повод празникот „Свети Маченички Вера, Надеж и Љубов“ во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид се отслужи света архиерејска литургија, а најавена е и вечерна богослужба во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник. Попладнево од 18.30 часот е предвидена и свечена академија по повод јубилејот 50 години автокефалност на македонската православна црква – Охридска архиепископија.
За во недела во храмот „Света Софија“ по повод празникот „Собор на сите македонски светители“ ќе се одржи света божествена литургија со која ќе чиноначалствува неговото блаженство архиепископот охридски и македонски Г. Г.Стефан.
Во Охрид, духовниот центар во кој пред половина век беше прогласена автокефалноста на МПЦ, во присуство на гости и верници денеска и утре свечено ќе се одбележи големиот јубилеј.
„Македонската православна црква – наследница на обновената Охридска архиепископија – се прогласува за автокефална. На чело на автокефалната Македонската православна црква стои архиепископ со достоинство ‘архиепископ охридски и македонски’“, се првите два члена од Одлуката што на 17-ти јули 1967 година на свечена седница во црквата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, ја донесе Светиот архиерејски синод на МПЦ, во состав: митрополитот македонски Доситеј, епископот преспанско-битолски Климент, епископот злетовско-струмички Наум, епископот дебарско-кичевски Методиј, и епископот американско-канадско-австралиски Кирил. Одлуката следниот ден е објавена пред Црковно-народниот собор на МПЦ.
Педесет години подоцна, Охрид повторно е духовниот центар каде ќе се одбележи големиот јубилеј од оваа значајна одлука, на празникот Собор на сите македонски светители. Чествувањето ќе започне во сабота во 17 часот, со вечерна богослужба во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник. Во 18 и 30 ќе се одржи Духовна академија во катедралниот храм „Света Софија“, на која свое обраќање ќе има поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. На свеченоста е поканет државно-политичкиот врв, претставници на дипломатскиот кор, МАНУ, Универзитети, културни институции… Гостите ќе имаат можност да слушнат духовни песни, фрагменти од историјатот на Охридската архиепископија, членови од Одлуката за обновување на автокефалноста, како и образложенијата за нејзиното донесување. Во рамките на прославата, утре, по повод празникот Собор на сите македонски светители, во катедралниот храм „Света Софија“ во девет часот ќе се одржи света божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот г.г. Стефан, во сослужение на останатите членови на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Една седмица пред денешното празнување, Синодот на МПЦ по седницата одржана на 25-ти септември, преку соопштение упати „торжествен проглас до благочестивиот верен народ, чесното свештенство и преподобното монаштво, да земат учество за заедничко славје и споделена радост за големиот црковен јубилеј- 50 години опстој за автокефален статус на МПЦ – ОА, во семејството на помесните православни Цркви“. Во соопштението, Синодот изразува и надеж за решавање на отворените црковни прашања.
Актуелниот архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, е петтиот поглавар на автокефалната МПЦ. Нејзин прв поглавар беше г.г. Доситеј – од 1958 година до неговата смрт во 1981 година. Под негово раководство е свикан Третиот-црковно народен собир, на кој МПЦ во 1967 година е прогласена за автокефална. Покрај внатрешното организирање на црквата, активно бил посветен на канонско признавање на МПЦ од страна на СПЦ, што до денес не е постигнато. За негов наследник е избран г.г. Ангелариј, кој на таа функција не помина повеќе од пет години (1981-1986). На 15 јуни 1986 година настрада во сообраќајна несреќа во Дреновската клисура. По смртта на г.г. Ангелариј, за трет поглавар на МПЦ е избран г.г. Гаврил, кој во 1993 година (на 81-годишна возраст) се повлече од функцијата поради старост и кревко здравје. Почина три години подоцна, во 1996 година. Неговиот наследник, г.г. Михаил беше четвриот поглавар на МПЦ – од декември 1993 година до неговата смрт во јули 1999 година, по што за нов поглавар на МПЦ е избран г.г. Стефан.