Муареми најави кривична против обвинителките Русковска, Трајчева и Јосифовска

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми денеска најави дека ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. Тој обвини дека тие ја злоупотребиле својата функција и со презентирање на лажни податоци до судот, обезбедиле наредба за претрес во Управата за финансиска полиција.

-Ние во старт знаевме дека се работи за блеф, за злоупотреба на функцијата,  прикажување лажни податоци, немање основ да се бара наредба за претрес. Тоа се докажа и со надзорот на републичкиот јавен обвинител: „Пред Судот дало лажни податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, додека во списите од предметот има само анонимна кривична пријава“, вели Муареми, цитирајќи дел од констатациите на републичкото ЈО.

Тој рече дека во најмала рака очекувал шефот на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да познава дел, ако не цел, Закон за кривична постапка, како и Законот за јавно обвинителство.

-Уште на почетоко ни беше јасно дека станува збор за чиста злоупотреба на јавно обвинителска функција. Дека претресот е неоснован, незаконски, спритивен на одредбите од Законот за кривична потапка. Одите на претрес, а не знаете зошто одите и што барате, притоа во наредбата за претрес сте навеле конкретно кривично дело.
Обвинителката во барањето до судот навела дека сум сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и дека располага со докази за основано сомнение дека сум го сторил тоа кривично дело. Што во превод значи дека, обвинителката кога го поднесувала барањето за претрес до судот, располагала со докази каква награда сум примил, од кого сум примил, за што, во кој период и сл. А, доаѓа и вади наредба за претрес во која вели „Предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот“.
Па, кога сум го сторил кривичното дело за кое што тврди дека има основано сомнение дека сум го сторил? 2018, 2020, на денот на претресот?, коментира Муареми.

Тој дополнува дека претресот е направен незаконски и бидејќи, законот предвидува дека кога претрес се прави во државен орган мора да се изврши во присуство на старешината.

-Извршителите на наредбата за претрес, како и јавниот обвинител кој раководеше со претресот, направија уште една злоупореба, истите постапија спротивно на член од Законот за кривична постапка, кој гласи „ Кога претрес се врши во простории на државни органи, институции што вршат јавни овластувања, ќе се повика нивниот старешина да присуствува на претресувањето, вели Муареми. Додава дека во овој случај, претресот не смеел да биде започнат без присуство на старешина- во овој случај министерот за финансии (или од него назначено лице), со оглед на тоа што Управата за финансиска полиција е орган во состав на Министерството за финансии.