Муцунски: Меѓународната заедница бележи дека власта има сериозен проблем со корупцијата и политизираноста во јавниот сектор

Меѓународната заедница која врши еден вид објективен преглед во државата нотира дека имаме сериозен проблем со функционирање на институциите на системот и немаме опиплив напредок, вели пратеникот и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, за „Вин вин“ на Телма.

Муцунски потенцира дека во Извештајот на Стејт департментот за 2020 година за почитувањето на човековите права, високата корупција се уште постои, постои страшна политизираност на јавниот сектор и постои правна непредвидливост.

Тоа го има и во изјава на Палмер од ред некој ден. Тоа што е нотирано во овој извештај нотирано е и во извештајот на Транспаренси Интернешнл, утврдено во индекси како тие на Економист кои ја нотираат оваа земја како хибриден режим. Така да власта треба да почне да го работи тоа што го ветува. Нема реформа на кривичниот законик кој сите ни велат дека треба да се реформира, 4 години е во подготовка, дали имаме реформа на Законот за кривична постапка, исто 4 години е во подготовка, дали имаме граѓански законик донесено, исто 4 години е во подготовка, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека по 4 години дали нашите граѓани може да се сетат на ниту еден сериозен исчекор на оваа влада во правосудството и администрација, камо ли четири.

– Ние имаме политика коалиција која е 4 години на власт на СДСМ и ДУИ и која во тие 4 години не успеала да создаде опипливи позитивни промени во делот на правосудството и во делот на реформата на јавната администрација каде што се најголемите критики во Извештајот.