Мукаетов: Благодарам на ИХФ за поканата Македонија да настапи на ракометниот спектакл!

Македонската ракометна репрезентација ќе настапи на Светското првенство (СП) во Египет како замена за Чешка, која се откажа од настапот поради големиот број на позитивни случаи на коронавирусот.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов испрати благодарност до Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) поради поканата до нашите ракометари за настап на ракометниот спектакл.

„Во името на Македонската ракометна федерација и мое име, сакам да ви се заблагодарам за официјалната покана на нашиот национален тим да настапи на ракометниот спектакл во Египет. Македонската ракометна селекција е подготвена и задоволна што ќе настапи на Светското првенство. Би сакал да се заблагодарам за поддршката на Меѓународната ракометна федерација која ја дава на Македонската ракометна федерација во однос на нашата мисија да потврдија дека ракометот е број 1 во нашата држава“, порача првиот човек на РФМ.

Македонија најпрво ќе игра против Шведска на 14 јануари, по што следи меч против Египет на 16 јануари и Чиле на 18 јануари во групата Г.