Македонската ракометна репрезентација во Гдањск, Полска, ќе го има вториот обид преку квалификации да се избори за настап на Олимписки игри. Претходно македонските ракометари не успеаја да се пласираат на ОИ во Лондон, 2012, но сега, со уште подобра организација и засилен стручен штаб, првиот човек на федерацијата, Живко Мукаетов очекува позитивен исход.
Ова е втора шанса за нас ракометарите за пласман на Олимписки игри. Сите сме фокусирани на тоа. По настапот на Европското во Полска донесовме неколку заклучоци и затоа ангажиравме уште членови во стручниот штаб како спортски директор, кинотерапевт, спортски психолог, изјави претседателот на РФМ Живко Мукаетов.
Тој притоа потенцираше дека сите ситни конфликти во овој момент треба да бидат во втор план и битката да се бие во Гдањск. Притоа Управниот одбор на РФМ обезбеди и премија од 55.000 евра за пласман на ОИ во Рио де Жанеиро.
Капитенот Кирил Лазаров овие натпревари ги нарече од државен интерес.
За мене ова е државен интерес. Првата шанса не ја искористивме, ќе гледаме да ја искористиме оваа и секако во недела вечер сите заедно да се радуваме на најголемиот успех.
Селекторот Ивица Обрван за Гдањск ќе поведе 18 играчи, а по вечерниот тренинг денеска ќе реши кој нема да биде во комбинација покрај повредениот Филип Лазаров.
На овие куси подготовки сите работеа коректно. Целта е да се освои едно од двете први места во група. Можам само да кажам дека сите едвај чекаме да почне првиот натпревар. Секако сите посакуваме за првпат Македонија на Олимписки игри да има екипа во колективен спорт, истакна Обрван.
Во зависност од исходот на дуелите од првите два дена можно е Филип Талески и Филип Кумановски в недела да заминат за Швајцарија каде јуниорската селекција игра квалификации за Европско првенство и со тоа да им помогнат на своите врсници.
Македонската репрезентација утре наутро со чартер ќе патува за Гдањск. Во петок игра против домаќинот Полска, во сабота против Тунис, а в недела е дуелот со Чиле. Двете првопласирани селекции обезбедуваат настап на Олимпијадата.