Мустафа: Косово и Албанија без граници, подготвена е платформа

Министерот за внатрешни работи на Косово, Екрем Мустафа, во ексклузивно интервју за тиранската телевизија Oranews, изјави дека е „можно целосно да се отстранат границите меѓу Албанија и Косово“.

„Тоа е можен проект, работните групи работеа на предлог-платформата. Работните групи во Драч седум дена работеа на оваа платформа. Ние ќе се ангажираме во заштита на границите,потоа да имаме стабилна економија, макрофинансирање,да нема фискална евазија и да го одржуваме редот и безбедноста на земјите што ги прифаќаме. Оваа иницијатива ја побаравме за целиот регион и во иднина планираме да има еден вид либерализација на движењето во целиот регион“, изјавил Мустафа.

Одговори и на прашањето дали Тирана и Приштина се консултирани за балканскиот Шенген.

„Овие консултации започнаа од последната средба меѓу владите на двете земји и како проект се појави од таа средба, но ние сепак мора да се подготвиме за ЕУ и интеграцијата во ЕУ. Во ЕУ не постојат граници. Треба да ги подготвиме и тренираме нашите тимови во иднина да бидат подготвени за интеграција во ЕУ“, рече Мустафа.

Високо ја оцени соработката на полициите на двете земји и унифицирањето на граничните премини.

Мустафа, кој во Албанија престојува во знак на солидарост со настраданите по силниот земјотрес што ја погоди земјата на 21-ви септември, се сретна со претседателот Илир Мета, со неговот колега Сандер Лешај, а го посети и Маминас, едно од погодените подрачја од земјотресот.