МВР: Благо намалување на малолетнилкиот криминал

Последниве пет години малолетничкиот криминал бележи тренд на континуирано благо намалување, па така оваа година од вкупно расветлените 12.984 кривични дела, 1.558 се извршени од малолетници, со што учеството на малолетничкиот во вкупнo расветлениот криминал е 12 отсто, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

Во 2012 се извршени 12.384 кривични дела, од кои 1582 се извршени од малолетници.

Најмногу кривични дела извршени од малолетниците, или 45 отсто  се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, а за разлика од лани бележиме зголемување на малолетните криминалци од 30 отсто.

Една од основните карактеристики на малолетничкиот криминал е повторништвото, а потврда за истото е дека во текот на 2013 година за извршените кривични дела се пријавени 1.184 малолетни лица меѓутоа со оглед дека сториле по повеќе кривични дела(некои од нив и по 30 кривични дела), истите се регистрирани како 2.485 сторители. Од пријавените малолетни лица, 1.126 лица или 95 отсто се од машки, додека 58 се од женски пол, а најчесто се пријавувани за вршење имотни деликти. Обично делата ги вршеле во групи составени од полнолетни лица, познати сторители на кривични дела, а многу поретко делувале поединечно или пак заедно со други малолетници. Во рамките на делата проследени со елементи на насилство, загрижува сé почестата употреба на огнено и ладно оружје, кое честопати го употребувале на јавни места, како што се училишта, автобуси, постојки и сл., повредувајќи притоа свои врсници, а со ваквото однесување предизвикале чувство на страв и вознемиреност кај граѓаните.