МВР: Ковачев не ги исполнува условите за влез во Македонија!

Министерството за внатрешни работи ја потврди информацијата дека бил забранет влез во државата на петмина бугарски државјани, меѓу кои и европратеникот Андреј Ковачев и претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски.

„Денеска (06.05) околу 11 часот на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија. Македонската полиција нема да дозволи ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, соопшти МВР.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува големо разочарување за одлуката на властите во Македонија.

„Ја затемнија свечената прослава на Ѓурѓовден на 6 мај со тоа што одбиваат да дозволат бугарскиот член на Европскиот парламент и портпаролот на групата на нивната територија на Европската народна партија за прашања за проширувањето, д-р Андреј Ковачев, претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“, д-р Милен Врабевски и уште тројца бугарски државјани“, порача бугарското МНР.

Европратеникот Ковачев рече дека е крајно изненаден од одлуката да не му биде дозволен влез во Македонија, како, како што рече, традиционално секоја година присуствувал на панахида за жртвите на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.