МВР му реферирало на Обвинителството за дивоградбата пред „Мавровка“

Полицијата денеска го известила Основното јавно обвинителство што сè е преземено досега и на какви докази наишле во врска со дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Оттаму велат дека „доказите упатуваат на постоење на основи на сомнение за можниот сторител на бесправното градење“.

„Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, изминатиов период применувајќи ги неопходните мерки и активности од делокругот на својата надлежност, интензивно работеше во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење” кое што се гони по службена должност по член 244-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија во реонот на трговскиот центар Мавровка“, соопштуваат од МВР.

Оттаму велат дека заради утврдување на елементи на постоење основи на сомнение за сторени кривични дела, кои што се гонат по службена должност, а се однесуваат на предметниот кривично-правен настан, СВР – Скопје ќе продолжи и понатаму со преземање на соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност.

Во меѓувреме, Општина Чаир објави втор тендер за избор на фирма за уривање на дивоградбата, откако првиот пропадна бидејќи не се пријавил никој.

Претходно, на 23 јули, градежениот инспектор од Општина Чаир донел одлука за уривање на објектот што се гради на местото на изгореното кафуле „Фонтана“, но општината не можела да го најде ниту инвеститорот ниту изведувачот на градежните работи, па затоа решението се доставува на непознат сторител. Откако рокот од осум дена истече за непознатиот сторител сам да ја урне дивоградбата,  општината почна да бара фирма за рушење.