Министерството за внатрешни работи во неделата вечерта издаде соопштение во врска со написот на НетПрес во коешто потврдува дека луксузниот џип „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ пред три дена бил во соседна Грција и истиот ден се вратил во земјата, и тврди дека го управувал полициски службеник со службен налог, а внатрешната контрола при МВР ќе ги утври сите факти.
„МВР во врска со написот објавен од порталот Нет прес, известува дека Одделот за внатрешна контрола и професинални стандарди веднаш доби наредба да изврши проверки и да достави извештај. По извршените проверки, констатирано е дека на ден 2 август 2018 година, возилото „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ е управувано од полициски службеник вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти кој возилото го управувал со соодветен службен налог. Возилото во 13 часот и 35 минути го преминало граничниот премин Богородица и патувало на територија на Република Грција. Возилото е вратено во Република Македонија истиот ден, 2 август 2018 година. Не е точно дека возилото го управувало неовластено лице, ниту пак дека било управувано од член на семејството на директорот на Биротото за јавна безбедност. Ве известуваме дека ќе бидат направени и дополнителни проверки и по утврдување на сите факти, доколку се утврдат неправилности, ќе бидат преземени соодветни мерки“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
За волја на вистината, НетПрес не тврдеше дека со возилото управувало неовластено лице или член на семејството на директорот на БЈБ, туку во саботата претпладнето до МВР упати прашања дали џипот е во сопственост на Министерството, дали таму знаат каде е возилото и дали евентуално член на семејство на службеник смее да управува со службено возило. Нашите извори не поврдија дали девојките кои биле забележани во џипот сами управуваат со службеното возило или, пак, ги вози службен возач од министерството.
Може, исто така, да се претпостави дека токму целта на престојот на службеното возило во Грција ќе биде предмет на натамошните проверки во МВР, бидејќи засега таквиот одговор изостанува во соопштението по овој случај.