Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при БЈБ на МВР во изминатиот период евидентираше зголемен број на лажни наградни игри на интернет, каде што со користење на социјалните мрежи, особено Facebook, се отвараат лажни профили на правни лица (компании) од нашата земја, а со цел неовластено прибавување на лични податоци од граѓаните.
Притоа, со отварањето на лажни профили именувани како некоја позната компанија од земјата, со користење на нивните логоа и брендови, се прават објави дека поради одреден повод (роденден на компанијата и сл.) се организира наградна игра, со разни подароци за среќните добитници, како на пример вредносни ваучери, мобилни телефони и сл. Наедно, во објавите се бара од граѓаните доколку сакаат да учествуваат во овие (лажни) наградни игри, да стиснат допаѓање „like“ на страната и на конкретната објава, во коментар да напишат „Учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра.
Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда и за подигање на истата потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР апелира до граѓаните за постоењето на ризици од можни злоупотреби на личните податоци преку интернет. Имено, исклучително важно е граѓаните да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот.
Во оваа конкретна ситуација, апелираме граѓаните, да се осигураат за веродостојноста на наградната игра, затоа што нивните лични податоци може да бидат искористени при извршување на други видови кривични дела, и на тој начин да бидат соочени со несакани негативни последици.
МВР, во рамки на свои надлежности, презема мерки во врска со овие случаи, во соработка со полициски организации од другите држави.