Рокот за доставување документација за јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари истекува на 11 јануари, а за јавниот оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над три хектари рокот е 17-ти месецов.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска преку соопштение ги повика сите заинтересирани да ги запазат роковите со цел навреме да се заврши целата процедура и да се склучат договори.
Со јавниот повик за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство им овозможува на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изработка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Земјоделците, укажуваат од МЗШВ, треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп.
Јавниот повик е наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта, според ресорното Министерство, е да се стави во функција целото располжливо земјоделско земјиште, особено парцелите од 4, 5, 6, 7 и 8 класа, а можат да се искористат за производство. Со тоа се очекува да се зголемат обработливите површини и земјоделското производство.
Земјиштето за кое ќе биде склучен договор ќе треба да се искористи за подигање долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници и други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.
Со огласот за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над три хектари, освен за покревање на насади е наменет и за инвестиции во преработувачки капацитети. Предмет на овој оглас се најатрактивните парцели во државата, а на понудените локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис план за преработувачки капацитети.
Со овој оглас се објавуваат над 1.420 хектари државно земјоделско земјиште, на кои освен долгогодишни насади со овошје, лозје, лешници и маслинарци, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.
Опфатени се 23 земјишни парцели во 13 региони: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Свети Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга. На овој оглас, кој ќе се спроведе по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.
Документацијата за јавниот повик и за јавниот оглас треба да се достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.