МЗШВ: За водостопанството до 2020 година 140 милиони евра

мзшв

Според Костадиновски, согласно Програмата за инвестиции во водостопанството, во периодот 2017 – 2020 година, за изградба, санација и рехабилитација на водостопанската инфраструктура во земјава ќе бидат инвестирани најмалку 140 милиони евра.

Проектите ќе се реализираат со засилено темпо. Планираме да воспоставиме системи за наводнување на дополнителни 24.000 хектари. Тоа ќе биде добра основа за градење секундарна мрежа и за воведување системи „капка по капка“, истакна Костадиновски на прес-конференција.

Изградба на браната Конско, вредна преку 40 милиони евра, која ќе ја покрива Општина Гевгелија и преку гравитациски системи ќе го полни Дојранското езеро, изградба на браната Речани на Оризарска река, инвестиција вредна 33 милиони евра што ќе значи водоснабдување и наводнување на 1.500 хектраи во Виница, Кочани и Чешиново-Облешево, како и изградба на хидросистемот Равен Речица вреден 15 милиони евра со кој ќе се наводнуваат 3.200 хектари во западниот дел на Македонија, вклучувајќи го и Полошко, се трите капитални инвестиции за кои е веќе подготвена техничката документација и чија реализација е во тек.

Во западниот дел на Македонија, посочи Костадиновски, првпат се вложува во ваков проект. Никогаш претходно во овој регион немало ваква инвестиција. Сега, со предвидените активности, и тука ќе се создаде база за  развој на земјоделството.

Со несмалено темпо ќе се реализира и Програмата 2015 – 2025 година која вклучува проширување на ХС „Брегалница“ посебно кај Немањица во Свети Николе, проект од 3,2 милиона евра, изградба на брана на реката Слупчанска во Кумановско вредна 19 милиони евра и спроведување на втората фаза од Јужновардарска долина за која се обезбедени 14 милиони евра, а која ќе овозможи наводнување на 4.500 хектари во Гевгелија, Валандово и Богданци, потенцира заменик-министерот.

Министерството за земјоделство работи и на изградба на повеќе мали хидроакумулации. Како што информира Костадиновски, станува збор за браната Баргала на Козјачка река, инвестиција вредна 11 милиони евра, како и за браната Отиња во Штипско, проект од 2,6 милиони евра.

За санација и рехабилитација на постоечките хидросистеми, во Програмата за водостопанската инфраструктура се проектирани вкупно 8,5 милиони евра.