Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеја во вторникот во мајсторката на гостински терен во Задар по само една година да се вратат во елитната класа од регионалната АБА лига, откако беа поразени во салата „Крешимир Ќосиќ“ со 75:86, а се чини дека битката ја загубија во играта под кошевите, остварувајќи само 27 скокови наспроти 40-те на домаќинот.
Македонскиот претставник во првиот натпревар успеа да го совлада на негов терен хрватскиот тим со 89:83, но во Скопје пред своите навивачи ја пропушти можноста да ја заврши серијата до две победи и доживеа минимален пораз од 77:78, а вечерва беше пропуштена големата можност иако Задар често во текот на мечот имаше двоцифрена предност. Задар беше подобар во првото полувреме, а МЗТ се врати во игра во третата четвртина и до половината на четвртата, но во завршницата му дозволи на противникот да се разбуди.
Задар поведе со серија од 5:0, но МЗТ возврати со серија од 9:0, за домашните со новите 5:0 да дојдарат до водството 10:9. Скопскиот тим добро се држеше во првите седум минути, но завршницата од првата делница им припадна на домашните кои ја затворија со серија 12:0 и со водство 29:18. Во втората четвртина Задар двапати имаше „плус 12“ а на полувреме се замина со предност од 50:40 за домашните. Но на почетокот од третата четвртина МЗТ се врати и пред крајот намали на 62:63, но Петар Мариќ со „тројка“ во последната секунда го зголеми водството на Задар на четири поени (66:62). Последната четвртина понуди нова драма во овој дуел. Шест минути пред крајот МЗТ се приближи на само „минус 2“ (66:68) и веќе во следниот напад израмни на 68:68 а потоа и на 70:70. Скопските кошаркари сепак му дозволја на Задар да фати ритам и со серија од 8:0 да дојде до водство од 78:70 на две ипол минути до крајот. МЗТ на 34 секунди до крајот намали на 75:80, но повеќе не можеше да стори и крајниот резултат гласеше 86:75 за Задар кој остана во првата АБА лига, а МЗТ ќе игра следната сезона во АБА 2.
Кај МЗТ Скопје, кој на овој дуел играше без својот најдобар стрелец Андрија Бојич, најефикасни беа Лестер Медфорд и Иво Иванов со по 22 поени, а Задар го предводеа Лука Жориќ со 29 коша, Лука Божиќ со 17 и Марио Литл со 14 коша.